Хроника
Дознај прв
ИСТРАГАТА ЗА ДВЕТЕ УБИСТВА ВО СКОПЈЕ ПРОДОЛЖУВА: Се чекаат ДНК-анализите, на осомничените може да им биде продолжен притворот
Обдукциите на жртвите од убиствата во Хром и Ѓорче Петров се завршени. ДНК-анализите ќе бидат доставени до Обвинителството следната недела, а на четворицата осомничени може да им биде продолжен притворот.

Истрагата за двете убиства во скопските населби Хром и Ѓорче Петров продолжува, а клучните докази сè уште се анализираат. Обдукцијата на телата на 62-годишниот маж и 76-годишната жена е завршена, а во тек се ДНК-анализи и дополнителни испитувања. Според директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, резултатите се очекува да бидат доставени до Обвинителството следната недела. Во меѓувреме, денеска истекува 48-часовниот притвор за четворицата осомничени, но Обвинителството најавува можност за негово повторно барање или продолжување на 30 дена, доколку се исполнети законските услови.
Се проверува улогата на секој од осомничените
Во тек е испитување на сведоци и анализа на досега прибраните докази, со цел да се утврди индивидуалната одговорност на секој од осомничените. Истражителите проверуваат и дали четворицата дејствувале со поделени улоги, како и кој каква улога имал во нападите. Тројца од осомничените се од Скопје, а еден од Струмица, и тие беа уапсени пред три дена.
МВР најавува засилени контроли и соработка со институциите
Според досегашните информации, убиствата биле извршени при разбојништво. 76-годишната жена, која живеела сама, била пронајдена мртва во својот дом во населбата Мирче Ацев од нејзината ќерка, со тешки видливи траги од насилство. Пет дена претходно, во својот стан во Хром бил пронајден мртов и 62-годишниот маж, исто така со видливи повреди. Од МВР најавуваат контроли и обиколки, со посебно внимание кон повозрасните лица кои живеат сами, како и координација со центрите за социјална работа, здравствените установи и општините.
