Економија
Дознај прв
СОПСТВЕНИКОТ НА АЛТА БАНКА ПРИВЕДЕН ВО СРБИЈА: Давор Мацура е приведен по одземањето на дозволата за работа
Српските медиуми објавија дека е приведен Давор Мацура, сопственикот на Алта банка, откако на банката ѝ беше одземена дозволата за работа.

Сопственикот на „Алта банка“, Давор Мацура, синоќа бил приведен во Србија, објавија повеќе српски медиуми. Информацијата доаѓа во период на сериозни случувања околу банката, откако Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа и најави поведување стечајна постапка. Според медиумските извештаи, Народната банка на Србија поднела кривична пријава до Јавното обвинителство за организиран криминал против правното лице „Алта банка“ АД Белград и неколку одговорни лица во банката.
Побарана итна проверка на работењето на Алта банка
Според објавените информации, обвинителството потврдило дека кривичната пријава била доставена по електронска пошта. Од Министерството за внатрешни работи и Службата за борба против организираниот криминал било побарано итно да постапат и да го проверат целокупното работење на банката, како и околностите што довеле до одземање на дозволата.
Агенцијата за осигурување на депозити ќе биде стечаен управник
Народната банка на Србија соопшти дека Агенцијата за осигурување на депозити ќе биде назначена за стечаен управник со одлука на судот. Случајот предизвика реакции и во Македонија, каде што „Алта банка“ АД Битола, која е во мнозинска сопственост на белградската банка, е ставена под привремена администрација од Народната банка на Северна Македонија. Засега, информациите за приведувањето на Мацура се пренесуваат од српските медиуми, додека истрагата треба да ги утврди сите околности поврзани со работењето на банката.
