Хроника

ПРЕД ЕДЕН МЕСЕЦ БИЛ ПРИВЕДЕН – Кој е Виктор, момчето кое ја уби Билјана кај Богданци?

Виктор Гунтаров бил приведен на 30 септември по пријава за физички напад. На трагедијата кај Богданци ѝ претходеле пријави и судски мерки за заштита.

ПРЕД ЕДЕН МЕСЕЦ БИЛ ПРИВЕДЕН – Кој е Виктор, момчето кое ја уби Билјана кај Богданци?

Билјана Кириќ е 17-годишната девојка која беше пронајдена мртва во опожарениот автомобил кај Богданци, додека телото на 21-годишниот Виктор Гунтаров беше пронајдено во непосредна близина. Според првичните сознанија на Обвинителството, најверојатно станува збор за убиство и самоубиство, но конечните околности треба да ги утврди истрагата. Случајот отвори сериозни прашања за постапувањето на институциите, особено затоа што на трагедијата ѝ претходеле пријави за насилство и закани кон малолетничката.

Виктор бил приведен по пријава за физички напад

Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека на 30 септември Виктор Гунтаров бил приведен по пријава дека физички ја нападнал девојката во неговиот дом. Билјана успеала да избега од неговата куќа преку прозорец, по што ѝ помогнале случајни минувачи. За случајот бил известен и јавен обвинител. На 16 октомври, Основното јавно обвинителство Гевгелија добило нова пријава за загрозување на сигурноста на малолетничката, по што била започната постапка и биле наредени соодветни вештачења.

Имало и судски мерки за заштита

Во меѓувреме, судот изрекол мерки за заштита од насилство, со кои на 21-годишникот му било забрането да ѝ се приближува и да ја вознемирува девојката. Според досега објавените информации, овие мерки биле во сила и во моментот на трагедијата. На 3 ноември полицијата добила пријава за опожарен автомобил во месноста Горно Село, кај Богданци. Телото на Гунтаров било пронајдено надвор од возилото, додека во автомобилот било откриено телото на 17-годишната Билјана Кириќ. Истрагата треба да ги утврди сите околности, како и постапувањето на надлежните институции по претходните пријави.

Жан Митрев