Економија

МИЦКОСКИ: Штедачите во „Алта банка“ ќе бидат обесштетени до последниот денар

Мицкоски тврди дека штедачите во „Алта банка“ немаат причина за страв, а предупредува и на можни последици врз македонските компании.

МИЦКОСКИ: Штедачите во „Алта банка“ ќе бидат обесштетени до последниот денар

Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека граѓаните немаат причина за страв поради состојбата со „Алта банка“, оценувајќи дека станува збор за „увезен проблем“ од соседна Србија. Тој направи паралела со пропаѓањето на „Еуростандард банка“, но нагласи дека актуелната ситуација е поинаква и дека државата ги следи процесите и располага со механизми за заштита на штедачите. Според неговите проверки, 95 до 96 проценти од штедачите имаат влогови до 30.000 евра, кои се целосно загарантирани.

Две можни сценарија за „Алта банка“

„До денар ќе им бидат вратени“, порача Мицкоски, додавајќи дека и доверителите кои би влегле во стечајната постапка немаат причина за грижа, бидејќи, според него, активата на банката е два до три пати поголема од побарувањата. Како можни решенија ги посочи наоѓањето нов купувач или отворањето стечајна постапка, а ја обвини опозицијата дека со своите настапи ги одвраќа потенцијалните инвеститори. Премиерот побара реакција од Јавното обвинителство, оценувајќи дека ширењето, како што рече, лаги и немир може да претставува саботажа за која Кривичниот законик предвидува затворска казна.

Компаниите стравуваат од последици врз стопанството

Мицкоски откри и дека повеќе македонски компании побарале помош од Владата поради блокираните средства на нивните српски деловни партнери во матичната „Алта банка“. Тој предупреди дека доколку состојбата во Србија не се консолидира во краток рок, може да следуваат пошироки последици врз македонското стопанство, вклучително и банкротства и губење работни места. Истовремено, најави дека во декември ќе бидат објавени инвестиции за изградба на три нови фабрики.

ОЗНАКИ: АЛТА Банка
Жан Митрев