Свет

МЕЛОНИ ПРЕДУПРЕДУВА: Европа ризикува да стане ирелевантна во мировните преговори за Украина

Џорџија Мелони бара единствена европска позиција за мировните преговори за Украина и предлага назначување специјален пратеник на ЕУ.

МЕЛОНИ ПРЕДУПРЕДУВА: Европа ризикува да стане ирелевантна во мировните преговори за Украина

Италијанската премиерка Џорџија Мелони предупреди дека Европа ризикува да ја изгуби својата дипломатска улога во напорите за завршување на војната во Украина доколку не настапи единствено. Во писмо објавено на 5 ноември, таа изрази загриженост поради сè поголемиот број паралелни мировни иницијативи и состаноци меѓу различни меѓународни претставници. Според Мелони, ваквиот пристап создава впечаток дека Европа е неорганизирана и нема заедничка позиција, што може да ја направи „осудена на целосна ирелевантност“.

Мелони бара Европа да зборува со еден глас

Мелони ги посочи состаноците во Мајами и Осло, како и телефонскиот разговор меѓу финскиот претседател Александар Стаб и норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе со рускиот претседател Владимир Путин. Таа предупреди дека ширењето на различни иницијативи може да му наштети на кредибилитетот на Европа во решавањето на едно од најсложените безбедносни прашања. „Со создавање слика за Европа која изгледа неорганизирана и без единство, им служиме на интересите на оние кои сакаат оваа војна да продолжи“, наведува Мелони.

Предлага специјален европски пратеник

Италијанската премиерка побара назначување специјален европски пратеник кој ќе ги координира мировните напори и ќе ја претставува заедничката позиција на Унијата. Таа го повика претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, да го стави предлогот на дневен ред на неформалниот состанок на европските лидери на 13 ноември во Даблин. Мелони предлага одлуката да биде формализирана до декември, по што би можела да се разговара и со Обединетото Кралство, Норвешка и други заинтересирани земји надвор од ЕУ.

Жан Митрев