Македонија
Дознај прв
„СЕЈФ СИТИ“ СЕ ШИРИ НИЗ МАКЕДОНИЈА: Камери ќе бидат поставени и во Струмица, Штип и Битола
Системот „Безбеден град“ до крајот на ноември треба да се прошири во Струмица, а потоа и во Штип и Битола. МВР најавува и полициски возила со камери.

Системот „Сејф Сити“, ќе се прошири во Струмица, Штип и Битола, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според најавите, воведувањето на системот во подрачјето на СВР Струмица треба да заврши до крајот на ноември, по што ќе следува проширување во Штип, а потоа и во Битола. Камерите ќе бидат поставени и на таканаречените сообраќајни црни точки, каде што во минатото се случувале голем број несреќи со жртви.
Казни и преку полициски возила со камери
Покрај фиксните камери, МВР планира да користи и полициски возила опремени со уреди за автоматско регистрирање сообраќајни прекршоци. Тие ќе можат да снимаат додека се движат, но и кога се паркирани, со што ќе се контролира брзината и на патиштата каде што нема поставено фиксни камери. Прекршоците регистрирани на овој начин директно ќе се внесуваат во дигиталниот систем за обработка и издавање казни.
Целта на Сејф Сити е системот да ја покрие целата држава
Тошковски претходно најави дека „Безбеден град“ постепено ќе се проширува на целата територија на Македонија. Планот предвидува системот да биде присутен и на автопатиштата и експресните патишта, со посебен акцент на локациите со висок ризик од сообраќајни несреќи.

