Скопје
Дознај прв
СУБВЕНЦИИ ОД 10.000 ДЕНАРИ ЗА ВОЗАЧКИ ИСПИТ: Младите од Центар сè уште можат да аплицираат
Младите родени во 2006, 2007 и 2008 година можат да аплицираат за 10.000 денари субвенција за возачки испит во Општина Центар. Еве кои документи се потребни.

Младите жители на Општина Центар и натаму можат да аплицираат за субвенција од 10.000 денари за обука и полагање возачки испит за Б-категорија. Мерката се спроведува во текот на целата година, а од јануари до крајот на октомври финансиска поддршка добиле 149 жители. Градоначалникот Горан Герасимовски ги повика младите кои ги исполнуваат условите да ја искористат оваа можност.
Кој има право на финансиска поддршка во Центар?
Право на субвенција имаат младите родени во 2006, 2007 и 2008 година. Герасимовски посочува дека со поддршката од 10.000 денари се помага во намалувањето на трошоците за семејствата, а младите се охрабруваат да станат одговорни и совесни возачи. Годинава е направена и измена во начинот на исплата, па средствата може да се уплатат и на трансакциската сметка на родителот, а не само на сметката на кандидатот.
Каде и кои документи треба да се достават?
За аплицирање потребни се барање за субвенција, копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, доказ за извршена уплата во автошкола и потврда дека автошколата е регистрирана на територијата на Општина Центар. Документите се доставуваат во архивата на Општина Центар, во барака број 6, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.

