Свет

ЦРВЕН АЛАРМ ВО ТОСКАНА: Поплави и свлечишта, околу 100 лица евакуирани

Црвен аларм во Тоскана по обилните дождови. Поплави и свлечишта отсекоа населени места, а околу 100 лица беа евакуирани.

ЦРВЕН АЛАРМ ВО ТОСКАНА: Поплави и свлечишта, околу 100 лица евакуирани
foto - screenshot - italia24HLive

Силна бура ја погоди италијанската област Тоскана, предизвикувајќи обилни врнежи, поплави и лизгање на земјиштето во повеќе општини. Најтешка е ситуацијата во областа Маса Карара, каде пожарникарите спасувале возач чиј автомобил останал заробен во поплавен подвозник, а подоцна бил пренесен во болница. Населбата Касете и селото Форно биле целосно отсечени поради свлечишта, додека околу 100 лица морале да ги напуштат своите домови. Италијанската Служба за цивилна заштита издаде временски предупредувања за девет региони, со црвен аларм за Тоскана и портокалово предупредување за Емилија-Ромања и Лигурија.

Пожарникарите интервенирале во 24 случаи

Драматичните сцени во Маса Карара се случиле во средата, 11 ноември, кратко по 19 часот, кога пожарникарите интервенирале на улицата Виа Лонгобарда за да го извлечат заглавениот возач. Поради опасност од ново излевање на реката Фригидо, во текот на ноќта била поставена дополнителна бариера за зајакнување на бреговите и спречување нови поплави. Од синоќа пожарникарите интервенирале во 24 одделни случаи поради поплавени подрачја, паднати дрвја врз автомобили и свлечишта. Жителите преку социјалните мрежи меѓусебно се предупредувале за растот на нивото на реката и опасноста од нови поплавувања.

Наврнале над 80 милиметри дожд за една ноќ

Обилните врнежи особено ја погодиле областа Лунџиана, каде во градот Тресана биле измерени 76 милиметри дожд во периодот од четири до осум часот наутро. Во Кардосо, во областа Алта Версилија, за време на ноќта наврнале 82 милиметри, по повеќе од 24 часа непрекинати врнежи. Дополнителен проблем е што почвата веќе била натопена од дождовите во претходниот ден. Во Сан Џулијано Терме биле евакуирани куќи во поплавната рамнина на реката Серхио, додека поплавниот бран поминал низ дел од подрачјата околу Лука без поголеми проблеми, а засега нема сериозни последици ниту по течението на реката Арно. Сепак, за северозападна Тоскана се очекувале нови врнежи во наредните часови.

Жан Митрев