Македонија

МАКЕДОНИЈА НА 41. МЕСТО ВО ЕВРОПА: БДП годишно по жител изнесува околу 11.760 долари

Според проекциите на ММФ, Македонија е на 41. место од 48 европски економии со БДП по жител од околу 11.760 долари. Буџетот за 2027 предвидува раст од 3,8%.

МАКЕДОНИЈА НА 41. МЕСТО ВО ЕВРОПА: БДП годишно по жител изнесува околу 11.760 долари

Македонија е рангирана на 41. место од вкупно 48 европски економии според проектираниот номинален бруто-домашен производ (БДП) по жител за 2026 година, покажуваат октомвриските проекции на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Според овие податоци, БДП по жител во земјава изнесува околу 11.760 долари. На врвот на листата е Лихтенштајн со повеќе од 230.000 долари по жител, пред Луксембург и Ирска, додека меѓу водечките економии се и Швајцарија, Норвешка и Исланд. Овој показател ја претставува економската вредност што се создава во една земја во однос на бројот на нејзините жители.

БДП на Македонија пред БиХ, но зад Србија, Црна Гора и Албанија

Во регионалното рангирање Србија има номинален БДП по жител од околу 17.126 долари, Црна Гора 16.211, а Албанија 13.968 долари. Македонија со 11.760 долари е пред Босна и Херцеговина, каде што проекцијата изнесува околу 10.845 долари по жител. Споредбата со најбогатите европски економии покажува голем јаз – номиналниот БДП по жител во Лихтенштајн е речиси 20 пати повисок од македонскиот.

Буџетот за 2027 година пред пратениците

Податоците за економската позиција на земјава доаѓаат во период кога во Собранието започна расправата за Предлог-буџетот за 2027 година. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска посочи дека буџетот е насочен кон одржување на стабилни јавни финансии, фискална консолидација и поддршка на економскиот раст. Вкупните приходи се планирани на 395,4 милијарди денари, а расходите на 440,4 милијарди денари, со предвиден буџетски дефицит од 45 милијарди денари, односно 3,5 проценти од БДП. За капитални инвестиции се планирани 40,8 милијарди денари, а владините проекции предвидуваат економски раст од 3,8 проценти во 2027 година.

ОЗНАКИ: БДП
Жан Митрев