Македонија

ОД ДЕНЕСКА ЗАДОЛЖИТЕЛНА ЗИМСКА ОПРЕМА: Кои гуми мора да ги имате и колкави се минималните шари?

Од денес задолжителна зимска опрема во Македонија. Проверете ги правилата за зимски и летни гуми, минималната длабочина на шарата и синџири

ОД ДЕНЕСКА ЗАДОЛЖИТЕЛНА ЗИМСКА ОПРЕМА: Кои гуми мора да ги имате и колкави се минималните шари?
фото - 24 часа - аи

Од денеска, 15 ноември, сите возила што учествуваат во јавниот сообраќај на патиштата во Македонија задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема. Обврската произлегува од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а од МВР ги потсетуваат возачите да ги почитуваат правилата за безбедно движење во зимски услови. Зимски гуми се оние што на бочната страна имаат ознака „MS“, „M+S“, „M & S“ или симбол на снегулка на стилизирана планина со три врва. За возилата до 3.500 килограми дозволени се зимски гуми на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од четири милиметри, но постои и можност за користење летни гуми со најмалку четири милиметри шара, доколку возилото има синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала.

Посебни правила за возилата со погон на четири тркала

Кај возилата со погон на сите четири тркала (4×4), зимските гуми треба да имаат минимална длабочина на шарата од шест милиметри. Доколку се користат летни гуми, тие треба да имаат најмалку четири милиметри шара, а возилото мора да поседува синџири за снег. Кај возилата со постојан погон на четири тркала, синџирите треба да бидат најмалку за задната осовина, додека кај преклопливиот погон треба да ги има за постојано вклучената осовина.

Што важи за гуми на камиони и автобуси?

За моторните возила потешки од 3.500 килограми се потребни зимски гуми на погонските тркала со минимална шара од шест милиметри. Алтернатива се летни гуми на сите четири тркала со најмалку четири милиметри шара, доколку возилото има синџири за снег или други соодветни помагала. Автобусите и товарните возила кои поради технички причини не можат да постават синџири мора да имаат зимски гуми на погонските тркала и прирачен алат – лопата. Од МВР потсетуваат дека употребата на гуми со клинци е забранета и апелираат возачите да ја почитуваат обврската за зимска опрема.

Жан Митрев