Македонија

(ВИДЕО) ВО УЧИЛИШЕН ДВОР ВО КРИВА ПАЛАНКА ВЛЕГЛЕ КРАВИ, Градоначалникот предупредува на опасност

Повеќе од 1.000 крави неконтролирано се движат низ Крива Паланка, а дел од нив влегле и во кругот на средно училиште. Градоначалникот бара вонредна состојба.

(ВИДЕО) ВО УЧИЛИШЕН ДВОР ВО КРИВА ПАЛАНКА ВЛЕГЛЕ КРАВИ, Градоначалникот предупредува на опасност

Проблемот со повеќе од илјада крави кои неконтролирано се движат низ Крива Паланка и околината продолжува да предизвикува реакции. Градоначалникот Сашко Митовски објави дека добитокот бил забележан и во кругот на средно училиште, предупредувајќи дека со тоа директно се загрозува безбедноста на учениците и граѓаните. „Зарем некој сè уште мисли дека ова не ја загрозува безбедноста на нашите ученици и граѓани?“, праша Митовски во објава на Фејсбук. Случајот го следат и светски медиуми, а вниманието на јавноста во регионот го привлекоа и јутјубери кои известуваат за необичната ситуација.

Градоначалникот бара прогласување вонредна состојба

Градоначалникот подолг период бара од Владата да прогласи вонредна состојба во општината, со цел да се овозможи преземање конкретни активности за решавање на проблемот. Тој вчера изјави дека му е потребен посебен законски мандат за дејствување и порача дека е подготвен да ја координира акцијата со надлежните институции.

Митовски – „Да го отстраниме добитокот од улиците и имотите“

„Подготвен сум да ја координирам акцијата со надлежните институции, да го отстраниме добитокот од улиците и имотите на граѓаните. И да го тргнеме овој национален срам“, изјави Митовски. Засега, според доставените информации, нема одговор од надлежните институции на барањата на градоначалникот.

Жан Митрев