Регион
Дознај прв
СИЛНО НЕВРЕМЕ ВО РЕГИОНОТ: Гром усмрти 30 овци во БиХ, пожар кај Макарска и излевање на морето на Хвар

Силното невреме што на 21 јули зафати делови од Балканот предизвика сериозни последици во Босна и Херцеговина и Хрватска. Грмотевиците, обилните врнежи и молњите донесоа поплави, пожар и угинување на животни во неколку погодени подрачја.
Гром удрил во стадо овци во БиХ
На планината Хрбина во Босна и Херцеговина гром удрил во стадо и усмртил околу 30 овци. Подрачјето на општина Бугојно било зафатено од силно невреме, при што за само еден час наврнале околу 100 милиметри дожд на квадратен метар. Обилните врнежи создале сериозни проблеми и опасност од поплавување во погодените места.
Пожар кај Макарска, морето се излеало на Хвар
Во Хрватска, удар на гром предизвикал пожар во борова шума во месноста Осејава над Макарска. Пожарникарите брзо го изгаснале огнот и спречиле негово ширење, а станбените објекти не биле загрозени. Во далматинската Загора и на островите во средна Далмација биле забележани дожд, грмежи и голем број молњи. Во Стари Град на островот Хвар, поради нагло зголемување на нивото на морето, водата накратко се излеала на ривата, но немало потреба од интервенција. За делови од Балканот претходно било издадено највисоко предупредување поради опасност од силни ветрови, град и интензивни грмотевици.

