Економија
Дознај прв
ГУВЕРНЕРОТ НА ШВЕДСКАТА ЦЕНТРАЛНА БАНКА: Довербата мора постојано да се заслужува
Гувернерот на Шведската централна банка, Ерик Тедеен, вели дека независноста на централните банки е предуслов за ниска и стабилна инфлација.

Независноста на централните банки е еден од најважните предуслови за зачувување на довербата и стабилноста на монетарната политика, оценува гувернерот на Шведската централна банка, Ерик Тедеен. Тој посочува дека институциите кои самостојно ги носат своите одлуки полесно обезбедуваат ниска и стабилна инфлација на долг рок. Ставовите ги изнел во интервју за публикацијата на Народната банка под наслов „80 години централно банкарство: Светски перспективи, регионална соработка и идни предизвици“.
Силна правна и политичка поддршка
Тедеен објаснува дека во Шведска постои силна правна и политичка поддршка за Риксбанка самостојно да ја спроведува монетарната политика во рамките утврдени од политичкиот систем. Според него, од суштинско значење е оваа рамка да се зачува. Тој предупредува дека преголемото проширување на мандатот на централните банки може да ги наруши јавната доверба и демократската легитимност на нивната независност.
Довербата мора постојано да се заслужува
Гувернерот нагласува дека довербата и поддршката за независноста не смеат да се земаат здраво за готово. Тие, како што вели, треба да се заслужуваат со доследно исполнување на мандатот и со транспарентно, одговорно и решително работење. Тедеен оцени дека кризите во изминатите 15 години уште еднаш ја потврдиле важноста на централните банки за ценовната, макроекономската и финансиската стабилност. Интервјуто е објавено по повод 80-годишнината од основањето на Народната банка.

