Македонија
Дознај прв
БИТОЛА ПРЕПОЛНА ЗА ВИКЕНДОВ: Нема слободно сместување, туристите ќе преспиваат во Ресен
Битола викендов е речиси целосно исполнета, со 99 проценти резервирани сместувачки капацитети. Дел од туристите ќе преспиваат во Ресен.

Битола викендов остана речиси без слободно сместување, а дел од посетителите веќе резервирале преноќување во Ресен. Од денеска до 3 август, а во дел од објектите и во текот на целата следна недела, речиси сите сместувачки капацитети се пополнети. Податоците од интернет-платформите за резервации покажуваат дека околу 99 проценти од објектите во градот се веќе резервирани.
Концертот на Здравко Чолиќ носи гости од целиот регион
Големата туристичка навала се поврзува со концертот на Здравко Чолиќ, кој на 1 август ќе настапи на стадионот „Петар Милошевски“. Во Битола се очекуваат гости од цела Македонија, но и од земјите од поранешна Југославија. Во градот во тек се и други културни манифестации, а пристигнуваат и голем број иселеници за прославата на Илинден.
Собите се издаваат од 30 до 80 евра
Најбарани се хотелите и апартманите во центарот, на Широк Сокак и во неговата околина, но пополнети се и капацитетите во подалечните делови од градот. Цената на соба за двајца се движи од 30 до 80 евра. Туристичките работници предупредуваат дека Битола подолго време има недостиг од поголеми и поквалитетни сместувачки капацитети, поради што при големи настани дел од гостите мора да престојуваат во соседните градови.
