Македонија
Дознај прв
ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА ВО КРИЗНА СОСТОЈБА: Следните 30 дена зголемена опасност од пожари
Од 1 август во цела Македонија е прогласена 30-дневна кризна состојба поради зголемената опасност од шумски пожари и пожари на отворено.

Од денеска, 1 август, на целата територија на Македонија стапи во сила 30-дневна кризна состојба поради зголемената опасност од пожари на отворено и шумски пожари. Одлуката ја донесе Владата на последната седница, со цел институциите навремено и координирано да одговорат на можните ризици. Кризната состојба ќе трае 30 дена, а во овој период ќе бидат мобилизирани сите расположливи човечки и материјално-технички капацитети.
Главниот штаб на ЦУК во постојано заседавање
Со владината одлука се активира Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој ќе биде во постојано заседавање. Штабот во рок од 24 часа треба да изготви акциски план за превенција и справување со пожарите. Планот ќе содржи преглед на расположливите ресурси, како и начин за координирано дејствување на сите надлежни институции.
Институциите ги ставаат на располагање сите капацитети
Владата ги задолжи органите на државната управа да постапуваат во согласност со прописите за управување со кризи и целосно да ги стават своите капацитети на располагање. Целта е да се обезбеди брза и ефикасна реакција на терен, како и заштита на животите на граѓаните, нивниот имот, животната средина и природните ресурси. Од Владата велат дека одлуката претставува проактивна мерка за справување со зголемените ризици од пожари во летниот период.
