Економија
Дознај прв
ДОГОВОР СО ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ: Ајварката од прва класа ќе се откупува за 40 денари, еве ги цените за сите класи
Откупна цена на ајварката е договорена: прва класа 40 денари, прва-втора и индустриска 30, а најниската класа 15 денари за килограм.

Постигнат договор за откупната цена на ајварката
Постигнат е договор меѓу земјоделците, откупувачите и преработувачите за откупната цена на ајварската пиперка. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски денеска од Струмица соопшти дека ајварката од прва класа ќе се откупува по 40 денари за килограм. За прва-втора класа и индустриска класа е договорена цена од 30 денари, додека најниската класа ќе се откупува за 15 денари. Новите цени ќе почнат да се применуваат од утре, откако преработувачите ќе ги известат откупните центри.
Министерот бара правилна класификација и навремена исплата
Серафимовски посочи дека договорот е резултат на повеќедневни разговори со земјоделците, откупувачите и преработувачите, во кои била вклучена и Македонската асоцијација на преработувачи. Тој ги повика откупувачите доследно да ги почитуваат договорените цени и правилно да ја класифицираат пиперката, а производителите да добиваат точни информации за квалитетот и цената што им следува. По завршувањето на бербата, во октомври и ноември, ќе продолжат разговорите за трајни системски решенија, вклучително и единствена методологија за класификација и прецизни рокови за исплата.
