Економија

ДИГИТАЛНОТО ЕВРО СЕ ПОБЛИСКУ: Европа сака помала зависност од „Visa“ и „Mastercard“

ДИГИТАЛНОТО ЕВРО СЕ ПОБЛИСКУ: Европа сака помала зависност од „Visa“ и „Mastercard“

Европа подготвува сопствена дигитална валута
Европската Унија направи важен чекор кон воведување на дигиталното евро, проект кој може сериозно да го промени начинот на плаќање во еврозоната. Комитетот за економски и монетарни прашања на Европскиот парламент даде зелено светло за проектот, со што се отвора патот за финални политички преговори до крајот на годината. Идејата е граѓаните во иднина да имаат електронски паричник гарантиран од Европската централна банка. Преку него би можеле да плаќаат и онлајн и во физички продавници. Дигиталното евро нема да биде криптовалута, туку официјални пари на централната банка, целосно поддржани од ЕЦБ. Целта не е да се укине готовината, туку да се понуди уште еден начин на плаќање.

Помала зависност од американските платежни гиганти
Во Брисел сè повеќе се зборува дека дигиталното евро е и стратешки проект за поголема финансиска независност на Европа. Според податоците на Европската централна банка, „Visa“ и „Mastercard“ контролираат околу 61 отсто од плаќањата со картички во еврозоната и речиси сите прекугранични картични трансакции. Новиот систем би требало да овозможи плаќањата за граѓаните да бидат бесплатни, а трошоците за трговците пониски од сегашните картични провизии. Европската централна банка би ја обезбедувала основната инфраструктура, додека банките и финтек-компаниите би ги нуделе услугите до клиентите. Сè уште се разговара за лимитот на износот што граѓаните ќе може да го чуваат во дигитален паричник, со цел да не дојде до масовно повлекување пари од банките. Според најавите, пилот-проектот би започнал во втората половина на следната година, а дигиталното евро би можело да стане реалност во 2029 година.