Економија

ХРАНАТА ЌЕ ПОСКАПИ ОВАА ЕСЕН: Првиот удар ќе биде врз овошјето и зеленчукот

Нов бран поскапувања на храната се очекува во Македонија од октомври, а подоцна би можеле да поскапат лебот, млечните и преработените производи.

ХРАНАТА ЌЕ ПОСКАПИ ОВАА ЕСЕН: Првиот удар ќе биде врз овошјето и зеленчукот

Новиот раст на светските цени на храната најверојатно ќе се почувствува и во Македонија од есен, поради сушите, повисоките трошоци за производство и проблемите со транспортот преку Црното Море. Според анализата на „Oxford Economics“, глобалните цени на храната годинава би можеле да пораснат за 11,8 отсто, при што најголем притисок се очекува кај житарките, свежиот зеленчук и млечните производи.

Први поскапувања на храната од октомври

Најголемиот притисок во Македонија се очекува да се почувствува во октомври и ноември, кога би можеле да поскапат свежото овошје и зеленчук. Светската цена на пченицата веќе забележала значителен раст, а аналитичарите очекуваат дополнително зголемување во третиот квартал. Во исто време, домашните земјоделци се соочуваат со повисоки трошоци за репроматеријали и инпути, што дополнително го зголемува притисокот врз цените.

Лебот и преработките подоцна

Вториот бран на поскапувања се очекува од февруари до мај 2027 година, кога би можеле да бидат погодени лебот, тестенините, млечните и останатите преработени производи. Иако Македонија има одредена заштита кај пченицата поради минатогодишната рекордна жетва, прехранбената индустрија е зависна од трошоците за струја, транспорт, амбалажа и увозни суровини. Поскапувањето би можело дополнително да го оптовари семејниот буџет, имајќи предвид дека храната и пијалаците учествуваат со околу половина од вкупните семејни трошоци.