Македонија

ПРОДОЛЖУВА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС“: Ќе заврши градежното вештачење, потоа доказите ги презема одбраната

Продолжува судењето за пожарот во „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица. Се очекува завршување на градежното вештачење.

ПРОДОЛЖУВА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС“: Ќе заврши градежното вештачење, потоа доказите ги презема одбраната

Во судницата во Идризово денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Случајот е во доказна постапка, а судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. На денешното рочиште се очекува продолжување на распитот на градежните вештаци од Градежниот факултет при УКИМ.

Во фокус материјалите и конструкцијата на објектот

На претходното рочиште одбраната поставуваше прашања во врска со материјалите употребени во објектот, особено полиуретанскиот сунѓер за акустична изолација. Вештото лице Горан Марковски посочи дека сунѓерот целосно изгорел, но неговото присуство било утврдено врз основа на фотодокументација, снимки и други вештачења. Испитувани беа и градежните интервенции од реконструкцијата во 2012 година, меѓу кои и зајакнувањето на меѓукатната конструкција со челични греди.

По обвинителството, доказите ги изведува одбраната

Со завршувањето на градежното вештачење и распитот на вештите лица, како што е најавено, треба да заврши изведувањето на доказите од Обвинителството. Потоа одбраната ќе започне со изведување на сопствените докази во постапката. Судењето се однесува на една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата, а исходот треба да ги утврди одговорноста и околностите што доведоа до трагичниот пожар.