Македонија

Марта Кос со порака до Бугарија: Откако Македонија ќе ги донесе уставните измени, сметаме на ваша поддршка

Марта Кос порача дека по донесувањето на уставните измени очекува Бугарија да ја поддржи Македонија во евроинтегративниот процес.

Марта Кос со порака до Бугарија: Откако Македонија ќе ги донесе уставните измени, сметаме на ваша поддршка

Еврокомесарката за проширување пораката ја испрати во интервју за Бугарската национална телевизија. Надоврзувајќи се на најавата од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека најнапредните земји кандидати ќе добијат патокази, Марта Кос рече дека тоа се однесува на Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, без да ја спомне Македонија

Еврокомесарката за проширување Марта Кос, во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ) дадено на маргините на пленарната сесија на Европскиот парламент во Стразбур, се надоврза на најавата на претседателката на Европската комисија дека се подготвуваат патокази за државите кои се најнапредни во пристапните преговори, посочувајќи ги во тој контекст Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина. Кос не ја спомна Македонија меѓу оние што ќе добијат патоказ во оваа фаза.

За Македонија, рече дека напредокот на двете најнапредни земји од Западен Балкан може да ја поттикне и земјава да продолжи напред во процесот на пристапување кон ЕУ.

Марта Кос аповикува на напредок во евроинтегративниот процес

Според неа, оваа ќе биде „есен на проширувањето“, посочувајќи дека Европската комисија ќе се фокусира на две главни насоки – забрзување на процесот на проширување и подготовка на земјите членки за прием на нови.

„Во својот говор претседателката на Европската комисија објави дека подготвуваме патокази за земјите што се најнапредни во преговорите. Знаете, Црна Гора е најблиску до пристапување во ЕУ, а за Албанија, Молдавија и Украина, Комисијата ќе претстави патокази во кои ќе ги испланираме сите можни технички чекори до крајот на нашиот мандат“,

вели Кос.

Таа додаде и дека проширувањето не може да се реализира без поддршка од сите земји-членки и нивните граѓани.

„Знаете, многу години немаше проширување на ЕУ. Последното беше во 2013 година, кога се приклучи Хрватска. Потоа, процесот на проширување беше приоритет. Сега имаме две земји од Западен Балкан кои се најнапредни на патот кон ЕУ. Ова може да ги мотивира и другите земји како што се Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, со кои се уште не сме започнале преговори, да одат напред, а не да одат назад како Србија“,

кажа еврокомесарката за проширување во интервјуто.

На новинарско прашање како ЕУ може да влијае врз Скопје да ги спроведе уставните измени и да ги внесе Бугарите во Уставот со цел да се деблокира процесот на пристапување, Кос рече дека би била многу среќна доколку актуелниот момент на проширување се искористи и за напредок на Македонија.

Според неа, Владата во Македонија треба да го исполни преземаното ветување и да ги спроведе уставните измени, а потоа изрази очекување за поддршка од Бугарија за процесот со Македонија да продолжи.

„Би била многу среќна ако го искористиме овој момент на проширување и за Македонија. Верувам во новата бугарска влада, со која соработувам многу добро. Секако, владата во Македонија мора да го одржи ветувањето. Тие мора да го променат својт Устав, ова е договорено меѓу Македонија и 27-те земји членки на ЕУ. Откако ќе се направи ова, ќе сметам на поддршката од вашата земја за да можеме да продолжиме напред и со Македонија“,

кажа Кос.

ОЗНАКИ: марта кос