Регион

ТОШЕ ЌЕ ЖИВЕЕ НИЗ ПЕСНА ВО СПЛИТ: Голем концерт по повод 19 години од неговото заминување

Сплит ќе ја одбележи 19-годишнината од смртта на Тоше Проески со големиот концерт „Toše Forever – Glazba Koja Živi“ на 16 октомври.

ТОШЕ ЌЕ ЖИВЕЕ НИЗ ПЕСНА ВО СПЛИТ: Голем концерт по повод 19 години од неговото заминување

„Тоше Forever“ на 16 октомври

Сплит ќе ја одбележи 19-годишнината од трагичната смрт на Тоше Проески со голем концерт „Toše Forever – Glazba Koja Živi“, кој ќе се одржи на 16 октомври во големата сала на ШЦ „Грипе“. Концертот ќе биде посветен на неговата музика, наследство и пораки за љубов, хуманост и заедништво. На сцената ќе настапи 30-член македонски симфониски оркестар под диригентската палка на Владимир Димовски, заедно со повеќе македонски изведувачи. Меѓу најавените се Стојне Николова, Бојана Скендеровска, Огнен Здравковски, Димитар Андоновски, Александар Тасевски и Сеид Алиовски, а ќе има и гости изненадување.

На сцената и Антонија Шола

Посебен дел од концертот ќе биде посветен на македонската музичка традиција, со изведби на песни како „Зајди, зајди“, а на сцената ќе настапат и Антонија Шола и Петар Драгојевиќ. Организатор на концертот е Александар Ивановски, Македонец со адреса во Сплит, кој како дете заедно со Тоше посетувал часови по музика. Концертот ќе има и хуманитарен карактер, а дел од приходите ќе биде дониран во хуманитарни цели. Организаторите најавуваат дека „Toše Forever – Glazba Koja Živi“ е прв во серијата концерти посветени на Тоше, со планови проектот да продолжи и во други градови низ регионот.