Македонија
Дознај прв
ДИГИТАЛНО ЗДРАВСТВО ДО 2030 ГОДИНА: Пациентите ќе имаат целосно здравствено досие онлајн
Стратегијата за дигитално здравство предвидува онлајн здравствено досие, телемедицина и следење на податоците на пациентите до 2030 година.

Стратегијата за дигитално здравство 2026–2030 денеска беше претставена пред лекари, пациентски организации, комори, институции и ИТ експерти. Целта е до 2030 година секој граѓанин да има пристап до своите здравствени податоци, а лекарите да ги имаат потребните информации во моментот на лекувањето. Според министерот за здравство, Сашо Клековски, податоците треба да го следат пациентот од матичниот лекар до специјалистот, болницата, лабораторијата и аптеката, со што би се избегнало повторување на анализи и постојано носење медицинска документација.
Досие за здравство достапно преку „Мое здравје“
Преку надградениот портал „Мое здравје“ граѓаните ќе можат да имаат пристап до своето здравствено досие, покрај термините и е-рецептите кои се достапни и сега. Предвидени се и консултации на далечина, а пациентите ќе можат да видат кој пристапувал до нивните податоци, да побараат исправка на грешка и да дадат или повлечат согласност.
Телемедицина и подобра превенција
Стратегијата предвидува и правна основа за телемедицина, што особено би било значајно за хроничните пациенти и граѓаните во руралните средини. Податоците за скрининзите и здравствените ризици треба да овозможат порано откривање на болестите и подобро насочување на превентивните мерки. Стратегијата содржи пет приоритети, 38 мерки и 152 активности, а главната имплементација е планирана за периодот 2028–2029 година.
