Македонија
Дознај прв
МАКЕДОНИЈА НЕ Е ПОДГОТВЕНА ЗА КАТАСТРОФИ: Недостигаат 200 пожарникари, опремата е застарена
ДЗР утврди сериозни слабости во системот за заштита и спасување, недостиг на пожарникари и проблеми со опремата и финансирањето.

ДЗР утврди сериозни слабости во системот
Македонија има сериозни слабости во системот за заштита и спасување и не е доволно подготвена за справување со катастрофи, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија. Според ДЗР, системот претежно функционира реактивно, односно институциите ги активираат ресурсите откако кризата веќе ќе се случи. Посебно е нагласен недостигот на кадар, а само во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје има 172 пожарникари од предвидени 384. Во 2024 година во земјава биле регистрирани повеќе од 97.000 хектари опожарена површина, што е најмногу во последната деценија. Според податоците наведени во ревизијата, од 2023 до 2025 година изгореле повеќе од 82.000 хектари шума, со проценета штета од речиси 134 милиони евра.
ДЗР бара реформа на целиот систем
Ревизорите укажуваат и на проблеми со опремата, логистиката, набавките и воздушните сили за гаснење пожари, вклучително и недостиг на пилоти. ДЗР препорачува нова Национална стратегија, стабилно финансирање, поголеми капацитети и поефикасен мониторинг и надзор, со цел системот навремено да реагира и да спречува последици од можни катастрофи. Од ЦУК, пак, посочуваат дека дел од утврдените слабости во меѓувреме се подобрени, вклучително и сервисирањето на „ер тракторите“ и зголемувањето на бројот на противпожарни возила.
