Македонија

МИНИСТЕРСКА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА КОРИДОРОТ 8 ВО СОФИЈА: Муцунски ја претставува Македонија

Во Софија се одржува министерска конференција за Коридорот 8, на која Македонија ја претставува министерот Тимчо Муцунски.

МИНИСТЕРСКА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА КОРИДОРОТ 8 ВО СОФИЈА: Муцунски ја претставува Македонија

Во Софија денеска се одржува меѓународна министерска конференција посветена на развојот и стратешкото значење на Паневропскиот Коридор 8. Македонија на конференцијата ја претставува министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Тој ќе се обрати на панелот на високо ниво „Геостратешки контекст на Коридорот 8“, каде во фокусот ќе биде целосната реализација на коридорот.

Во фокусот железничкото поврзување со Бугарија

За Македонија особено значајно е железничкото поврзување со Бугарија. За третата фаза од изградбата на пругата Крива Паланка–Деве Баир, долга 22 километри, обезбедени се 149 милиони евра грант од ЕУ и 175 милиони евра кредити од ЕИБ и ЕБОР. Со оваа делница ќе се изгради и прекуграничниот железнички тунел кон Бугарија.

Коридорот ги поврзува Јадранското и Црното Море

Коридорот 8 претставува важна транспортна оска исток-запад која ги поврзува пристаништата во Италија со Варна и Бургас во Бугарија, а неговиот централен дел минува низ Македонија. Според информациите, досега се завршени околу 40 проценти од работите на делницата Бељаковце–Крива Паланка, додека проектот се очекува да придонесе за подобра регионална инфраструктура и економска поврзаност.