Македонија

НЕКОНВЕНЦИОНАЛЕН СТИЛ, ПРОТОКОЛАРНИ КОНТРОВЕРЗИИ И ТЕНЗИИ СО СКОПЈЕ: Која е Велислава Петрова-Чамова која денеска ќе се сретне со Муцунски?

Велислава Петрова-Чамова денеска се среќава со Тимчо Муцунски. Која е новата шефица на бугарската дипломатија и зошто нејзиниот настап предизвикува реакции?

НЕКОНВЕНЦИОНАЛЕН СТИЛ, ПРОТОКОЛАРНИ КОНТРОВЕРЗИИ И ТЕНЗИИ СО СКОПЈЕ: Која е Велислава Петрова-Чамова која денеска ќе се сретне со Муцунски?

Нејзиниот избор за шефица на бугарската дипломатија донесе поинаков профил во Министерството за надворешни работи, но и низа полемики околу јавниот настап, дипломатскиот протокол и комуникацијата. Велислава Петрова-Чамова денеска ќе седне на иста маса со македонскиот министер Тимчо Муцунски, во момент кога односите меѓу Скопје и Софија и натаму се оптоварени со сериозни политички разлики.

Петрова-Чамова е релативно ново лице на врвот на бугарската политика и не доаѓа од редовите на класичната дипломатска служба. Родена е во 1990 година во Сандански, студирала микробиологија во Велика Британија и докторирала на Универзитетот во Кембриџ.

Пред политиката работела во областа на глобалното здравство и меѓународните организации, а подоцна влегува во бугарското Министерство за надворешни работи како заменик-министерка. Во мај 2026 година ја презеде функцијата министерка за надворешни работи.

Но, само неколку месеци беа доволни нејзиниот начин на јавен настап да стане тема во бугарската јавност.

Фустанот што отвори дебата за дипломатскиот протокол

Најгласната полемика беше предизвикана од нејзиното појавување на официјална средба со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.

Петрова-Чамова се појави во фустан со откриено рамо, по што во Бугарија се отвори дебата дали таквиот избор е соодветен за официјална дипломатска средба и за функцијата министер за надворешни работи.

Критиките не се однесуваа само на модата. Дел од јавната дискусија го постави поширокото прашање за нејзиното чувство за протокол и институционалната тежина што ја носи позицијата шеф на дипломатијата.

Дополнително внимание предизвика фактот што бугарското МНР потоа ја отстрани најкоментираната фотографија од официјалната галерија. Петрова-Чамова подоцна ја прифати забелешката, но истовремено порача дека жените треба да имаат право да се изразуваат и преку својот стил.

Од друга страна, дел од содржините што се ширеа на социјалните мрежи беа манипулирани со вештачка интелигенција и не го прикажуваа автентично нејзиниот изглед. Затоа критиката за протоколот треба да се разграничи од личните напади и манипулираните фотографии.

Имаше реакција и од Скопје

Нејзината комуникација веќе предизвика реакција и во Македонија.

По употребата на формулацијата „North Macedonian partners“, македонското Министерство за надворешни работи реагираше поради употребата на несоодветна придавка.

Муцунски тогаш испрати порака дека дипломатскиот јазик не е прашање на импровизација и дека прецизноста во него е показател за меѓусебното почитување.

Епизодата беше уште еден показател дека од новата бугарска министерка ќе се следи не само што кажува, туку и како го кажува.

Силно академско CV, но дипломатијата е поинаков терен

Неспорно е дека Велислава Петрова-Чамова има богата академска биографија. Кембриџ, работа со меѓународни организации и искуство со европски политики се значајни референци.

Но функцијата министер за надворешни работи бара и нешто што не се стекнува само со академски квалификации: внимателно мерење на зборовите, чувство за протокол и способност личниот стил да остане во втор план во однос на државната функција.

Токму околу овие аспекти досега се концентрираше дел од критиката кон нејзиниот настап.

Затоа денешната средба со Муцунски ќе биде интересна во контекст на првите директни разговори меѓу двајцата министри.

Во Скопје таа ќе има соговорник со јасно дефинирани позиции за македонско-бугарските односи, особено околу европската интеграција, идентитетските прашања и опасноста билатералните спорови да се претвораат во европски услови.

Зад протоколарните фотографии затоа ќе стои многу посериозно прашање: дали Петрова-Чамова ќе донесе нов пристап во односите со Македонија или само нов стил во презентацијата на старите позиции на Софија?