Македонија
Дознај прв
ПОЗНАТИ СИТЕ ДЕТАЛИ: Кој е 33-годишниот маж кој загина во сообраќајката за која Ива Михајлова пребега во Бугарија?
Објавен е идентитетот на 33-годишниот Бесим Дурмиши од Љуботен, кој загина во сообраќајната несреќа во која учествуваше Ива Михаилова.

Во јавноста за првпат се објавуваат информации за идентитетот на 33-годишниот маж кој го загуби животот во сообраќајната несреќа во која учествуваше Ива Михаилова од Кочани, која во меѓувреме замина во Бугарија. Станува збор за Бесим Дурмиши од скопското село Љуботен, чија фотографија беше објавена од медиуми на албански јазик.
Несреќата се случила на експресниот пат Штип – Кочани
Според информациите од полицискиот билтен, несреќата се случила на 7 октомври 2025 година, на експресниот пат Штип – Кочани, во близина на кочанското село Горни Подлог.
Дурмиши бил сопатник во возило „рено“ со регистарски ознаки од Македонски Брод, управувано од 32-годишно лице од скопското село Трубарево. Михаилова, која тогаш имала 22 години, управувала возило „фолксваген поло“ со бугарски регистарски ознаки.
Во судирот на двете возила биле повредени Михаилова и уште три лица кои се наоѓале во „реното“.
Спротивставени тврдења за причините за несреќата
Ива Михаилова е обвинета за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Таа ги отфрла обвинувањата и тврди дека не ја предизвикала несреќата, барајќи лекување во Бугарија со образложение дека не можела да го добие потребниот третман во Македонија.
Според Основното јавно обвинителство во Кочани, Михаилова се движела со брзина од 84 километри на час, при ограничување од 60 километри на час, и навлегла околу 70 сантиметри во спротивната сообраќајна лента. Во неа се движело возилото „рено“, чиј возач заобиколувал полициски автомобил запрен за проверка на друго возило.
Одбраната на Михаилова, пак, тврди дека на местото на несреќата ограничувањето на брзината било 90 километри на час и дека другото возило навлегло во нејзината лента додека заобиколувало запрено полициско возило.
Случајот привлече дополнително внимание откако Михаилова замина во Бугарија, каде што нејзиниот случај доби и политичка димензија, а на судењата во Кочани присуствуваа и бугарски политичари.
