Свет
Дознај прв
АКО ОДИТЕ ВО ПАРИЗ ПОНЕСЕТЕ КУПАЌИ: По еден век повторно може да се плива во Сена
Капење во Сена повторно е дозволено во Париз, со три бесплатни јавни места и секојдневни проверки на квалитетот на водата.

Ако ова лето патувате во Париз, во багажот може да ставите и купаќи, бидејќи реката Сена повторно е отворена за капење. По забрана стара околу еден век, парижаните и туристите можат да се освежат на три јавни места покрај реката. Сена со децении важеше за премногу загадена и небезбедна за пливање, но по голем инженерски проект вреден повеќе од милијарда евра, квалитетот на водата значително е подобрен. Отворањето доаѓа во период кога Париз се соочува со високи температури и топлотни бранови. Градските власти вршат секојдневни проверки на водата, а капењето зависи од безбедносниот систем со знамиња.
Три места за капење во срцето на Париз
Ова лето Париз нуди три бесплатни јавни места за капење во Сена. Едното е кај Бра Мари, во близина на Нотр Дам, второто е кај Гренел со поглед кон Ајфеловата кула, а третото е кај Берси, кое е најголемо и е наменето и за посериозно пливање. Според француските власти, целта е Сена повторно да стане дел од летниот живот на градот, а не само симбол што се гледа од мостовите.
Зелено знаме значи капење, црвено забрана
Капењето нема секогаш да биде дозволено, бидејќи состојбата на водата се проверува секој ден. Зеленото знаме значи дека може да се плива со внимание, жолтото значи дека капењето не е дозволено поради услови како струи или невреме, а црвеното значи целосна забрана поради лош квалитет на водата или временски услови. Лани, зелено светло имало само 18 од 31 ден во јули, па туристите ќе мора да ја следат дневната состојба пред да влезат во вода.
