Македонија

ДЕНЕС Е СВЕТИ ИЛИЈА – ИЛИНДЕН: Именден слават Илија, Илко, Илинка и Илина

Денеска, се празнува Свети пророк Илија – Илинден, голем верски и национален празник. Именден слават Илија, Илко, Илинка и Илина.

ДЕНЕС Е СВЕТИ ИЛИЈА – ИЛИНДЕН: Именден слават Илија, Илко, Илинка и Илина

Во народните верувања Свети Илија се смета за клучар кој го отклучува и заклучува небото, го пушта или го запира дождот и управува со летните грмотевици. Поради тоа, во народот е познат и како Илија Громовник, а неговиот празник традиционално се одбележува со голема почит. Според христијанското предание, пророкот Илија живеел околу девет века пред Исус Христос, а својата младост ја поминал во молитва и повлекување во пустината. Името Илија се толкува како „крепост Господова“.

СВЕТИ ИЛИЈА – Симбол на македонската борба и државност

Илинден има огромно национално и историско значење за македонскиот народ, бидејќи на 2 август 1903 година започнало Илинденското востание и била создадена Крушевската Република. На истиот датум во 1944 година се одржало и Првото заседание на АСНОМ, со кое биле поставени темелите на современата македонска држава. Поради тоа, 2 август се одбележува и како Ден на Републиката, а Илинден останува вечен симбол на борбата за слобода, самостојност и македонска државност.