Регион
Дознај прв
(ВИДЕО) 123 ГОДИНИ ОД ИЛИНДЕН: Востанието што ја испиша македонската историја
Пред 123 години започнало Илинденското востание. Крушевската Република траела само десет дена, но останала вечен симбол на македонската слобода и државност.

На 2 август 1903 година започнало Илинденското востание, еден од најзначајните настани во македонското националноослободително движење против османлиската власт. Одлуката за кревање на востанието била донесена на Смилевскиот конгрес, а подготовките опфаќале собирање оружје, организирање чети и подготовка на населението. Борбите се прошириле во повеќе делови на Македонија, но најголем успех бил постигнат во Битолскиот револуционерен округ, особено во Крушево.
Десетте дена на Крушевската Република
Ноќта меѓу 2 и 3 август, околу 750 востаници предводени од Никола Карев го ослободиле Крушево и воспоставиле востаничка власт организирана врз демократски начела. Крушевската Република постоела од 3 до 13 август, а нејзиниот најсилен отпор бил даден кај Мечкин Камен, каде што востаниците предводени од Питу Гули ги бранеле пристапите кон градот. Османлиската власт испратила многубројна војска, по што отпорот бил задушен, а Крушево било ограбено и запалено.
Наследство посилно од воениот пораз
Иако востанието било задушено кон крајот на 1903 година, неговото историско наследство го надминало непосредниот воен исход. Крушевската Република останала траен симбол на македонските стремежи за слобода, државност и заеднички живот меѓу различните заедници. Токму на истиот датум, 41 година подоцна, било одржано Првото заседание на АСНОМ, со што Илинден директно се поврзал со создавањето на современата македонска држава.
