Македонија

МИЦКОСКИ ОД ПЕЛИНЦЕ: Илинден е доказ дека народот може да биде окупиран и потценуван, но никогаш покорен

Христијан Мицкоски од Пелинце порача дека Илинден е доказ оти македонскиот народ може да биде напаѓан и потценуван, но никогаш покорен.

МИЦКОСКИ ОД ПЕЛИНЦЕ: Илинден е доказ дека народот може да биде окупиран и потценуван, но никогаш покорен

Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање од Пелинце порача дека Илинден не е само датум, туку завет и карактер на македонскиот народ. Според него, празникот е најсилниот доказ дека постојат народи кои можат да бидат окупирани, напаѓани, предавани и потценувани, но никогаш не можат да бидат покорени. Тој нагласи дека слободата не започнува на границите на државата, туку во срцето на народот.

Крушево и АСНОМ се две страници од иста книга

Мицкоски истакна дека двата Илиндена треба да се слават како една историска целина, бидејќи Крушево и АСНОМ не се две одделни приказни. Тој ги опиша како две страници од иста книга, напишана со вера, храброст и непоколеблива решителност Македонија да биде своја, достоинствена и слободна. Премиерот потсети дека во Крушево се родила идејата дека слободата вреди повеќе од животот, додека на АСНОМ таа идеја добила државотворна форма.

Македонскиот народ сам ја извојувал слободата

Во обраќањето беа споменати Никола Карев и Методија Андонов-Ченто како личности кои ги предводеле двата значајни историски процеси. Мицкоски нагласи дека одлуките на АСНОМ го потврдиле историскиот континуитет со Илинденското востание од 1903 година и го зацврстиле македонскиот национален идентитет. Тој порача дека слободата на Македонија не била донесена однадвор, туку дека македонскиот народ и сите националности сами се избориле за државноста и ги оствариле вековните идеали на борците за слобода.