Македонија
Дознај прв
ДЕНЕСКА УНЕСКО ОДЛУЧУВА ЗА СУДБИНАТА НА ОХРИД: Можно е регионот да се најде на листата на светско наследство во опасност
Комитетот на УНЕСКО денеска ја разгледува состојбата со Охридскиот Регион и можното впишување на листата на светско наследство во опасност.

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО денеска треба да ја разгледува состојбата со природното и културното наследство на Охридскиот Регион. На седницата во Бусан, Јужна Кореја, се очекува одлука дали Охридскиот Регион ќе биде впишан на Листата на светско наследство во опасност.
УНЕСКО со години предупредува на сериозно влошување
Во одлуката од 2025 година, Комитетот изрази голема загриженост поради континуираното влошување на вредностите поради кои Охридскиот Регион има статус на светско наследство. Како главни проблеми беа посочени неконтролираната урбанизација, дивоградбите, загадувањето на езерото, слабостите во просторното планирање и влијанието на големите инфраструктурни проекти. УНЕСКО оцени дека условите за впишување на регионот на Листата на светско наследство во опасност веќе се исполнети, но на Македонија и Албанија им беше оставен дополнителен рок за преземање корективни мерки.
Од двете држави беше побарано до 1 февруари 2026 година да достават нов извештај за состојбата и за спроведените активности. Комитетот инсистираше и на запирање на дел од градежните активности, заштита на Студенчишкото Блато, справување со дивоградбите и преземање итни мерки против загадувањето.
Одлуката може да донесе засилен меѓународен надзор
Впишувањето на Листата на светско наследство во опасност не би значело дека Охрид веднаш го губи статусот на УНЕСКО, туку дека регионот се соочува со сериозни закани и дека е неопходна итна заштита. Таквата одлука би донела засилен меѓународен надзор и дополнителен притисок врз институциите да ги спроведат препораките.
Седницата на Комитетот се одржува од 19 до 29 јули во Бусан, а на дневен ред се состојбите со повеќе загрозени локалитети од светското наследство. Охридскиот Регион, кој ги опфаќа македонската и албанската страна, е наведен меѓу локалитетите чија состојба се разгледува на годинашната сесија.
