Регион
Дознај прв
24ЧАСА ДОЗНАВА ОД ДИПОЛМАТСКИ ИЗВОРИ: НАТО нема да го потврди самитот во Тирана, сериозен удар за Еди Рама
НАТО самитот во Тирана нема да биде потврден во завршното коминике од Анкара, што претставува сериозен дипломатски удар за Еди Рама.

Самитот на НАТО во Тирана во 2027 година нема да биде потврден во завршното коминике од Самитот на Алијансата во Анкара, дознава „24 Часа“ од дипломатски извори запознаени со преговорите за финалниот текст.
Според истите извори, во документот ќе биде наведено дека лидерите очекуваат следна средба, но без да бидат прецизирани ниту местото ниту датумот. Со тоа, Тирана ќе биде изоставена и покрај претходната политичка најава дека Албанија треба да биде домаќин на следниот собир на лидерите на НАТО.
Ова не е технички пропуст, туку јасна политичка порака до владата на Еди Рама.
За албанскиот премиер, организирањето самит на НАТО во Тирана требаше да претставува врв на неговата меѓународна промоција и доказ дека Албанија под негово водство станала важен фактор во Алијансата. Наместо тоа, Рама се соочува со дипломатско понижување: неговата влада не успеала да обезбеди ниту една реченица со која домаќинството би било официјално потврдено.
Според меѓународните медиуми, меѓу причините за резервите на сојузниците се незадоволството од издвојувањата на Албанија за одбраната и неподготвеноста на американската администрација да даде зелено светло за самит во Тирана. Во НАТО постои и поширока дискусија дали лидерските самити воопшто треба да продолжат да се одржуваат секоја година. (Reuters)
Албанската влада во последен момент најави зголемување на безбедносните и одбранбените расходи, но очигледно тоа не било доволно за да се отстранат сомнежите меѓу клучните сојузници.
Особено непријатен за Рама е фактот што на претходниот самит во Хаг беше експлицитно наведено дека по Турција ќе следува средба во Албанија. Доколку Тирана сега исчезне од официјалниот текст, тоа ќе претставува чекор назад од претходно дадената политичка најава.
Рама со години се обидува да се претстави како незаменлив регионален лидер, близок со Вашингтон, Брисел и Анкара. Но зад внимателно режираните фотографии и меѓународните настапи, одлуката на НАТО покажува дека политичкиот маркетинг не може да ја замени довербата на сојузниците.
Изоставувањето на Тирана од коминикето ќе биде предупредување дека членството во НАТО не е сцена за лична промоција, туку обврска што подразбира кредибилитет, реални инвестиции во одбраната и одговорно однесување.
За Еди Рама, пораката од Анкара е тешко да се прикрие: самитот што веќе го претставуваше како дипломатски триумф повеќе не е сигурен, а Албанија ќе мора повторно да ја заслужи довербата на Алијансата.
