Македонија

КОЦКАРНИЦИТЕ ЌЕ ОСТАНАТ ДО УЧИЛИШТАТА И ВО 2027 ГОДИНА: Забраната за работа на помалку од 500 метри почнува во 2028

Казината и обложувалниците ќе можат да работат до училиштата и во 2027 година. Правилото за оддалеченост од 500 метри почнува на 1 јануари 2028.

КОЦКАРНИЦИТЕ ЌЕ ОСТАНАТ ДО УЧИЛИШТАТА И ВО 2027 ГОДИНА: Забраната за работа на помалку од 500 метри почнува во 2028

Казината, автомат-клубовите и обложувалниците ќе можат да продолжат да работат во близина на училиштата во текот на целата 2027 година, и покрај новиот Закон за игрите на среќа. Правилото според кое овие објекти мора да бидат оддалечени најмалку 500 метри од училиштата ќе почне да се применува од 1 јануари 2028 година. Тоа значи дека постојните објекти нема да мора да ги менуваат своите локации во следната година.

Растојанието со училиштата ќе се мери по пешачка патека

Законот беше усвоен на 29 јуни 2026 година, а стапи во сила на 14 јули, но членот 190 предвидува одложена примена на правилото од членот 24. Агенцијата за катастар на недвижности веќе подготвила предлог-правилник за начинот на мерење, кој е испратен до Министерството за финансии на мислење. Растојанието нема да се пресметува по воздушна линија, туку според најкратката безбедна пешачка патека од училиштето до влезот на објектот, врз основа на геодетски елаборат од овластен геодет.

Секој четврти ученик се коцкал за пари

Потребата од мерката е образложена и со резултатите од истражувањето ЕСПАД 2024, според кое секој четврти ученик на возраст од 15 до 16 години во Македонија се коцкал за пари во последните 12 месеци. Кај момчињата овој процент изнесува 34, а кај девојчињата 16 отсто. Надзорот над спроведувањето на законот ќе го врши Управата за јавни приходи.

Жан Митрев