Хроника
Дознај прв
(МВР СО ДЕТАЛИ) МУ ОДЗЕЛЕ ПИШТОЛ НА ПОЛИЦАЕЦ И ПОБЕГНАЛЕ: Со БМВ удриле во банкина
МВР поднесе кривични пријави против три лица откако осомничени одзеле службен пиштол на полицаец и избегале со БМВ кон Тетово.

Три лица добија кривични пријави по инцидентот што се случил на 7 октомври во Скопје, кога при полициска акција за спречување на нелегална трговија со марихуана, на еден полицаец му бил одземен службениот пиштол, по што осомничените се дале во бегство. Според информациите од МВР, полициските службеници добиле оперативни сознанија за можна продажба на марихуана и поставиле заседа на улицата „Црногорска“, каде се обиделе да запрат патничко возило „БМВ“ со скопски регистарски ознаки. Возачот удрил во бандера, а во тој момент од возилото била фрлена кеса со марихуана. Кога полицаецот се приближил и издал наредба да застанат, совозачот му го одзел службениот пиштол, по што возачот повторно го стартувал автомобилот и избегал.
Потерата завршила со удар во банкина
Полициски службеници тргнале по возилото, кое со голема брзина се движело по улицата „Ѓорче Петров“ кон автопатот Скопје–Тетово. И покрај светлосните и звучните сигнали, возачот не застанал, а еден полицаец испукал и три предупредувачки истрели во воздух. Потерата завршила кога „БМВ“-то удрило во банкина на автопатот и се завртело, по што од возилото излегле возачот П.А. (24) и совозачот Е.П. (21), кои биле лишени од слобода. Одземениот пиштол бил пронајден, а по пребарување на теренот била пронајдена и кесата со марихуана.
МВР со кривични пријави против три лица
На 14 октомври, Единицата за насилен криминал при СВР Скопје поднела кривични пријави против Е.П. и П.А. за спречување службено лице во вршење службено дејствие и за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги. Против М.Т., за кого постојат сознанија дека е поврзан со случајот, е поднесена пријава за делото поврзано со дрога. Од МВР информираат дека за настанот е известена и Внатрешната контрола, која проверува дали имало неправилности во постапувањето на полициските службеници.
