Спорт
Дознај прв
ОФИЦИЈАЛНО: Филип Талески е нов ракометар на ГРК Охрид, ќе го носи дресот со број 28
Филип Талески официјално потпиша за ГРК Охрид и е осмото засилување на клубот за новата сезона.

Филип Талески е осмото официјално засилување на ГРК Охрид за наредната сезона. Македонскиот лев бек потпиша договор со охридскиот клуб за сезоната 2026/2027, со можност за продолжување на соработката и за 2027/2028. Талески има 30 години, висок е 202 сантиметри и во новиот клуб ќе го носи дресот со број 28. Во Охрид пристигнува од унгарската екипа Татабања, а зад себе има богато меѓународно искуство. Потекнува од школата на Металург, по што рано замина во германскиот Рајн Некар Левен, со кој освои бундеслигашка титула. Во кариерата настапуваше и за Балинген, РК Вардар 1961 и Бенфика од Португалија. Со неговиот потпис, ГРК Охрид добива големо засилување и уште една потврда за амбициите на клубот во домашното првенство и на меѓународната сцена.
Талески: Охрид е голем предизвик
По потписот, Талески истакна дека трансферот во ГРК Охрид за него претставува нов, голем предизвик и исклучително мотивирачки проект. Тој нагласи дека клубот покажал сериозна визија, амбиција и огромна желба, кои целосно се поклопуваат со неговите лични и спортски цели.
Големи амбиции на охридскиот клуб
Талески порача дека е среќен што ќе го носи дресот на клуб кој, како што вели, незапирливо расте и има фантастична публика. Македонскиот репрезентативец најави дека ќе го даде својот максимум на секој натпревар за да помогне во остварување на целите на ГРК Охрид, како во домашното првенство, така и на меѓународна сцена.
