Македонија
Дознај прв
ОЛЕСНУВАЊЕ ЗА ПАЦИЕНТИТЕ СО ТРАНСПЛАНТИРАНИ ОРГАНИ: Myfortic од утре без доплата
Пациентите со трансплантирани органи од 26 август ќе го добиваат Myfortic без доплата, а цената на лекот дополнително е намалена.

Пациентите со трансплантирани органи од утре, 26 август, ќе можат да го подигнуваат лекот Myfortic од 180 и 360 милиграми без дополнителна доплата во договорните аптеки на Фондот за здравствено осигурување. Од Фондот информираат дека се завршени сите потребни постапки за новиот начин на издавање на терапијата. Со тоа, пациентите повеќе нема да треба да плаќаат 615 денари за дозата од 180 mg, односно 1.439 денари за дозата од 360 mg.
Завршени сите процедури за новиот начин на издавање
Од Фондот посочуваат дека Управниот одбор ја дал потребната согласност, направени се измените во Шифрарникот на лекови, а договорните аптеки се известени за промената. Одлуката следува откако алтернативните лекови без доплата во моментов не се достапни на домашниот пазар поради производно-технички причини. На тој начин, достапниот оригинаторен лек Myfortic ќе се обезбедува без дополнителен финансиски товар за пациентите.
Намалена и цената на лекот
Покрај укинувањето на доплатата, цената на Myfortic од 180 mg е намалена за 291 денар, додека кај дозата од 360 mg намалувањето изнесува 2.012 денари. Според Фондот, благодарение на пониските цени, се очекува заштеда од околу еден милион денари само во втората половина од 2026 година. Од институцијата велат дека ќе продолжат да ги следат состојбите на пазарот со цел придобивките од позитивната листа и конкуренцијата меѓу лековите да стигнат директно до пациентите.