Македонија
Дознај прв
ПОЧНА СПАСУВАЊЕТО НА МАКЕДОНИУМОТ: По долгогодишното протекување се поставува заштитна конструкција
Почна заштита на Македониумот во Крушево, каде што се поставува челична конструкција за да се запре долгогодишното протекување вода.

Со поставување челична конструкција над галериите со витражи и стакла започна превентивната заштита на Македониумот во Крушево. Споменикот со години се соочува со навлегување вода, што предизвикало сериозни оштетувања на витражите и на внатрешните делови.
Ќе бидат заштитени сите осум галерии
Конструкцијата ќе биде поставена на четирите галерии со витражи и на четирите галерии со стакло, од надворешната страна на првото и второто ниво. Над неа ќе биде монтиран лексан со дебелина од 16 милиметри, кој треба да го спречи понатамошното навлегување вода. Работите се изведуваат под стручен надзор на Завод и музеј – Прилеп, а инвестицијата е вредна 5,5 милиони денари.
Се подготвува целосна конзервација
Превентивната санација треба да заврши пред одбележувањето на Илинден, додека во текот на годината треба да започне изработката на проектот за целосна конзервација и реставрација. Проектот ќе ги опфати статиката, градежните интервенции, замената на оштетените витражни стакла и санацијата на внатрешната метална конструкција. Македониумот, изграден во 1974 година според проектот на архитектите Искра и Јордан Грабул, во ноември 2025 година беше прогласен за културно добро во опасност. Во пресрет на 2 Август механизирано се расчистува и просторот околу еден од најпрепознатливите симболи на Крушево и на современата македонска архитектура.
