Македонија

САМО ТРИ ДЕНА ПРЕД ДА СЕ ОТКРИЕ ЗАГАДУВАЊЕТО: Од Гостивар бил доставен извештај дека водата е безбедна

На 13 јули бил доставен извештај дека водата во Гостивар е безбедна, само три дена пред да се откријат пумпите со загадена вода.

САМО ТРИ ДЕНА ПРЕД ДА СЕ ОТКРИЕ ЗАГАДУВАЊЕТО: Од Гостивар бил доставен извештај дека водата е безбедна

Само три дена пред институциите да откријат дека во гостиварскиот водовод се вбризгувала загадена вода, Центарот за јавно здравје – Гостивар доставил извештај според кој водата била безбедна за пиење. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, изјави дека последниот извештај што АХВ го добила бил издаден на 13 јули.

Обвинителството утврдило дека пумпите работеле до 16 јули

Според информациите од Обвинителството, пумпите биле поставени на 25 јуни во канал со површинска вода и ја пренесувале водата во комората на системот за пиење. При увидот на 16 јули било утврдено дека две од пумпите сè уште биле активни и преку црева внесувале вода со штетни материи и колиформни бактерии во водоводната мрежа.

Случајот го отвора прашањето како на 13 јули бил издаден извештај дека водата е безбедна, иако според истрагата загадената вода во тој период веќе се внесувала во системот. Претходно било изработено и стручно мислење од Центарот за јавно здравје – Тетово, во кое било наведено дека испитаните примероци ги исполнуваат законските и стручните параметри.

Забраната останува во сила

Водата во Гостивар и натаму не смее да се користи за пиење или за подготовка на храна, а забраната ќе трае додека новите анализи не ја потврдат нејзината безбедност. Инспекторите земале мостри од јавна чешма, две градинки, Општата болница, ресторан, црква и џамија.

Целта на засилените контроли е да се утврдат изворот, степенот и обемот на контаминацијата, како и евентуалните пропусти на надлежните институции и субјекти. Министерот за животна средина Муамет Хоџа побара целосно утврдување на фактите и кривична и морална одговорност за сите што придонеле за загрозување на здравјето на граѓаните.

ОЗНАКИ: Гостивар