Македонија
Дознај прв
ТИНЕКС ПРЕД ГОЛЕМА ПРОМЕНА: Косовски „Интерекс“ на чекор до преземање на маркетите!?
„Тинекс“ е пред можна голема деловна промена. Косовскиот „Интерекс“ се споменува како партнер, а се појавија и неофицијални шпекулации за иднината на маркетите.

Тинекс пред голема промена
Пред неколку денови објавивме дека „Тинекс“ се соочува со големи финансиски предизвици, а сега веќе се погласно се шпекулира дека компанијата е пред голема деловна промена. Според информациите на „Фактор“, компанијата во иднина треба да ги води своите маркети во партнерство со косовскиот „Интерекс“. Според неофицијалните информации, „Интерекс“ би можел да преземе значаен дел од маркетите, но засега нема официјална потврда дека станува збор за целосно преземање. Станува збор за вториот по големина синџир маркети во Косово зад кој стои косовскиот бизнисмен Шаип Микуловци. Според медиумите тој работи преку компанијата PROEX SH.P.K. и има повеќе од 30 маркети, а неговата матична компанија располага и со ликвидни средства, недвижности и бензински пумпи.
Што се знае за косовскиот гигнат?
Како што пишува Пари, компанијата располага со 36 маркети во 18 градови и околу 1.700 вработени, а во 2025 година остварила промет од околу 235 милиони евра. „Интерекс“ во 2023 година добил и финансиски пакет од Европската банка за обнова и развој во висина до 20 милиони евра, наменет за проширување на мрежата, модернизација на продавниците и изградба на нов логистички центар. Правното лице зад „Интерекс“ е PROEX SH.P.K., чиј сопственик е CDI – Kosovo L.L.C., во која најголем удел има Микуловци.
Дали Тинекс конечно може да се спаси од финансиските предизвици?
Токму финансиската сила на косовскиот партнер, според информациите, треба да помогне „Тинекс“ да ги надмине предизвиците со ликвидноста со кои се соочуваше во изминатиот период. „Тинекс-МТ“ неодамна основаше нова фирма-ќерка „Тинекс Маркети“, во која се префрлени 44 дисконти и маркети, како и магацини, производствени погони и логистичкиот центар во Петровец.
„Тинекс“ би си оставил неколку маркети за свои?
Неофицијално Фејсбук страници пишуваат дека „Тинекс“ за „свои“ би ги оставил само маркетите „Лиса“ во Реонски центар Аеродром и „Зебра“ во Капиштец.
Одговори од „Тинекс“ и фамилијата Тодоровиќ нема, но она што е сигурно е дека „Тинекс“ во април потврди дека се соочува со предизвици со ликвидноста, но тогаш демантираше дека има проблеми со исплатата на платите и најави мерки за стабилизација на работењето.
