Економија

УНГАРИЈА ГО ИСТРАЖУВА КРЕДИТОТ ЗА МАКЕДОНИЈА: Под лупа заемот од една милијарда евра

Унгарија го истражува кредитот од една милијарда евра одобрен на Македонија преку „Ексимбанк“ со камата од 3,25 проценти.

УНГАРИЈА ГО ИСТРАЖУВА КРЕДИТОТ ЗА МАКЕДОНИЈА: Под лупа заемот од една милијарда евра

Унгарската влада започна истрага за кредитот од една милијарда евра што претходната влада на Виктор Орбан ѝ го одобри на Македонија преку државната „Ексимбанк“. Информацијата ја соопшти актуелниот унгарски премиер Петер Маѓар, посочувајќи дека се проверуваат повеќе трансакции поврзани со банката. Кредитот бил одобрен со каматна стапка од 3,25 проценти, а целиот ризик бил покриен со 100-процентна гаранција од унгарската држава. Според Маѓар, условите биле значително поповолни од оние под кои кредити добиваат унгарските компании и граѓани.

Маѓар: Кредитот за Македонија го оптоварува унгарскиот буџет

Маѓар изјави дека кредитот за Македонија создава товар од околу 90 милијарди форинти за унгарскиот буџет. Тој изрази сомневање дека средства наменети за поддршка на унгарските компании можеби биле искористени за зајакнување странски политички сојузник и за потенцијално фаворизирање компании блиски до поранешната власт. Според него, кредитот е меѓу неколкуте случаи поврзани со „Ексимбанк“ кои во моментов се предмет на проверка.

Четири случаи се пријавени во полиција

Унгарското Министерство за економија и енергетика пријавило во полицијата четири случаи поврзани со работењето на „Ексимбанк“, меѓу кои е и кредитот за Македонија. Пријавите се однесуваат на сомневања за злоупотреба, несовесно управување и кривични дела поврзани со банкрот. Маѓар нагласи дека владата нема однапред да носи пресуди, но ќе им ја обезбеди потребната помош на институциите за да се утврди дали биле сторени кривични дела.