Свет

(ВИДЕО) ЗГРАДА СЕ УРНА ЗА НЕКОЛКУ СЕКУНДИ ВО ШПАНИЈА: Жителите се спасиле откако слушнале необични звуци

Трикатна зграда кај Валенсија се урна за неколку секунди, но станарите навреме се евакуираа и нема загинати ниту повредени.

(ВИДЕО) ЗГРАДА СЕ УРНА ЗА НЕКОЛКУ СЕКУНДИ ВО ШПАНИЈА: Жителите се спасиле откако слушнале необични звуци

Трикатна станбена зграда во местото Бенетусер, во близина на Валенсија, се урна за само неколку секунди, но благодарение на брзата реакција на станарите беше избегната голема трагедија. Околу десет лица го напуштиле објектот непосредно пред уривањето, поради што во драматичниот инцидент нема загинати ниту повредени.

Станарите слушнале силно пукање и забележале пукнатини

Зградата, која се наоѓала на аголот меѓу плоштадот „25 Април“ и улицата „Пинтор Сорола“, околу 22 часот почнала да покажува сериозни знаци на нестабилност. Станарите забележале пукнатини на ѕидовите и слушнале силно пукање од конструкцијата.

Дарвин, татко на семејство кое живеело на третиот кат, веднаш ги зел децата и личните документи, а додека се симнувал по скалите ги предупредил и останатите соседи. Според неговото сведоштво, само дваесетина минути подоцна целата зграда се урнала.

На местото веднаш пристигнале пожарникари, припадници на Цивилната гарда и локалната полиција. Од безбедносни причини била евакуирана и соседната зграда, додека околу урнатините бил поставен заштитен појас.

Се испитува дали градежни работи ги оштетиле темелите

Во урнатините останале затрупани неколку паркирани автомобили. Како можна причина за уривањето се испитуваат градежните работи и ископувањето на соседната парцела, каде што се гради нов објект.

Постои сомнение дека работите можеби ги загрозиле темелите на старата зграда, но точната причина и евентуалната одговорност ќе бидат утврдени по стручна истрага. Општината Бенетусер обезбедила хотелско сместување за семејствата кои останале без своите домови, додека една станарка во инвалидска количка била привремено сместена во локална установа.