Хроника

ЗАГРИЖУВАЧКИ БРОЈКИ: Најмалку 105 малолетници фатени како возат без дозвола

Најмалку 105 малолетници биле фатени како возат без дозвола во Македонија од февруари до август годинава, покажуваат податоците од МВР.

ЗАГРИЖУВАЧКИ БРОЈКИ: Најмалку 105 малолетници фатени како возат без дозвола

Случаи низ цела Македонија

Најмалку 105 малолетници биле евидентирани како управуваат моторни возила без возачка дозвола во периодот од 6 февруари до 9 август годинава. Податоците се собрани од официјалните соопштенија и дневните билтени на МВР, а во бројката се опфатени само случаите во кои јасно било наведено дека малолетникот немал дозвола или право за управување. Случаи биле регистрирани низ повеќе градови, меѓу кои Скопје, Тетово, Гостивар, Битола, Кичево, Кочани, Прилеп и Струмица. Малолетници биле затекнувани како управуваат автомобили, мопеди, мотоцикли и четирицикли.

Бројката расте со приближувањето на летото

Според податоците, во февруари биле регистрирани најмалку 11 вакви случаи, во март 13, во април осум, во мај 22, а во јуни дури 30. Во јули биле потврдени уште најмалку 12 случаи, додека во првите девет дена од август уште девет. Меѓу најмладите е и 14-годишник од Гостивар кој бил запрен додека управувал четирицикл без дозвола. Во дел од случаите полицијата ги одземала возилата, а биле известувани и родителите и јавниот обвинител. Фактот дека повеќе од сто малолетници биле затекнати зад волан без дозвола за нешто повеќе од шест месеци отвора сериозно прашање за контролата и одговорноста околу пристапот на децата до моторни возила.