Македонија

ЗАПАДЕН НИЛ СЕ ШИРИ ВО СКОПЈЕ: Седум новозаболени за само една недела, тројца се критично

Седум нови случаи на вирусот Западен Нил се потврдени во Скопје за една недела. Тројца пациенти се во критична состојба и се интубирани.

ЗАПАДЕН НИЛ СЕ ШИРИ ВО СКОПЈЕ: Седум новозаболени за само една недела, тројца се критично

Седум нови случаи на вирусот Западен Нил се потврдени во Скопје во текот на изминатата недела, а тројца од заболените се наоѓаат во критична состојба.

Новите случаи се регистрирани во повеќе скопски општини. По двајца заболени има во Кисела Вода и Гази Баба, додека по еден случај е евидентиран во Аеродром, Бутел и Илинден.

Сите седум пациенти се на возраст меѓу 60 и 84 години и се хоспитализирани.

На Клиниката за инфективни болести во Скопје во моментов се лекуваат вкупно 16 пациенти. Кај 15 од нив вирусот Западен Нил е лабораториски потврден. За еден пациент сè уште се очекуваат резултатите.

Состојбата на тројца пациенти е критична и тие се интубирани. Станува збор за повозрасни лица со придружни заболувања, додека останатите хоспитализирани пациенти се во стабилна состојба.

Од почетокот на годинава во Македонија се регистрирани вкупно 20 случаи на Западен Нил. Првиот случај бил евидентиран на 15 мај во Велес.

Како главна мерка за превенција се препорачува заштита од убоди од комарци, особено во периодите од денот кога тие се најактивни. Се советува користење средства за заштита од комарци и мрежи на прозорците и вратите. Исто така се препорачува и отстранување на застоената вода од дворовите и терасите.