Македонија

КАСАМИ ГИ СОБРА ОЏАТА И ВЛАДИКАТА: Ќе соработуваат за спречување меѓуетнички инциденти меѓу младите во Тетово

По меѓуетничките инциденти во Тетово, Биљал Касами, муфтијата Селвер Џемаили и митрополитот Јосиф повикаа на мир, толеранција и соживот.

КАСАМИ ГИ СОБРА ОЏАТА И ВЛАДИКАТА: Ќе соработуваат за спречување меѓуетнички инциденти меѓу младите во Тетово

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, денеска оствари средба со тетовскиот муфтија Селвер Џемаили и митрополитот на Тетовско-гостиварската епархија, г. Јосиф, на која разговарале за неодамнешните меѓуетнички инциденти во градот. Соговорниците оценија дека станува збор за изолирани случаи кои, како што наведуваат, некои се обидуваат да ги искористат за сопствени цели. По средбата упатија заедничка порака за мир, толеранција и меѓусебно разбирање меѓу сите заедници.

„Тетово е наш заеднички дом“

Во заедничката порака се нагласува дека мирот, безбедноста и соживотот се заедничка одговорност на сите граѓани. Соговорниците посочуваат дека Тетово е пример за заеднички живот на различните етнички заедници и порачуваат дека нема да дозволат злоупотреба на децата за поттикнување меѓуетнички тензии. Тие повикаа на смиреност и одговорност во периодот по инцидентите.

Платформа за соработка и активности за младите

На средбата била изразена подготвеност за воспоставување заедничка платформа за соработка меѓу верските институции, училиштата, родителите и граѓанските организации. Предвидено е преку средби, дијалог и културни, едукативни и спортски активности да се поттикне зближувањето на младите. „Мирот, толеранцијата, културата, комуникацијата и почитувањето се единствените патишта за унапредување на сите процеси“, се наведува во заедничката порака.

Жан Митрев