Свет
Дознај прв
НА ЛИСТА НА ТЕРОРИСТИЧКИ ОРГАНИЗАЦИИ, ЕГИПЕТ СТАВИ И ИСЛАМСКА ОРГАНИЗАЦИЈА ОД МАКЕДОНИЈА
Египетски суд прогласи 35 организации и 36 лица за терористички. На списокот е наведено и исламско здружение од Македонија, чиј идентитет засега не е потврден.

Македонска исламска организација е наведена на списокот од 35 организации што египетскиот Кривичен суд во Каиро ги прогласи за терористички, заедно со уште 36 лица. Одлуката била објавена на 10 ноември во египетскиот службен весник и предвидува нивно внесување во регистрите на терористички организации и лица во период од пет години. Македонскиот субјект е наведен под арапското име „Таджаму ал-Шабаб ал-Ислами“, што во превод значи „Исламско младинско здружение“.
Не е потврдено од Египет за која македонска организација станува збор
Арапското име индиректно се совпаѓа со називот на здружението „Исламски младински форум – Скопје“, кое се појавува во јавно достапните податоци за граѓански организации. Сепак, засега нема потврда дека станува збор за истиот субјект, ниту доволно јавно достапни информации за точното правно име и регистрацијата на организацијата наведена во египетската одлука. Македонската организација е спомената и во списокот објавен од египетската новинска агенција МЕНА.
На списокот се и организации од повеќе европски држави
Одлуката опфаќа организации од Франција, Велика Британија, Германија, Швајцарија, Шведска, Италија и други европски држави. Меѓу наведените се Советот на муслиманите во Европа, Исламската асоцијација во Велика Британија и Лигата на муслиманите во Швајцарија. Во досега објавените извештаи нема посебно образложение за македонскиот субјект, ниту се презентирани конкретни докази за негова наводна поврзаност со терористички активности. Засега остануваат отворени прашањата за неговиот идентитет, активностите и причините поради кои е опфатен со одлуката на египетскиот суд.
Извор – религија.мк

