Свет
Дознај прв
МАСОВНИ ПРОТЕСТИ ВО ПАРИЗ: На улиците излегоа младите и „Жолтите елеци“, ангажирани 70.000 полицајци
Младите и „Жолтите елеци“ протестираат низ Франција за повисоки плати, образование и заштита на децата. Во Париз се очекуваат до 60.000 демонстранти.

Ширум Франција денеска се одржуваат масовни протести на младите и на движењето „Жолти елеци“, со барања за повисоки плати, поголеми средства за образованието и подобра заштита на децата и адолесцентите. Францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез, најави дека се очекуваат меѓу 50 и 60 собири низ земјата. За обезбедување на протестите се ангажирани околу 70.000 полицајци и жандарми, исто како и за претходните три демонстрации што започнаа на 24 октомври. Ова е четврта сабота по ред во која граѓаните излегуваат на улиците.
Затворени 21 метро-станица во Париз
Во Париз протестот против високите цени започна од Плоштадот Република, поради што се затворени 21 метро-станици долж маршрутата на демонстрантите. Се очекува кон протестот да се приклучат и активисти против насилството врз децата и адолесцентите, како и претставници на движењата за заштита на климата. Според проценките, на улиците на француската престолнина би можеле да излезат од 30.000 до 60.000 луѓе.
Собири во повеќе француски градови
Протести и собири се најавени и во Бордо, Рен, Лион и Марсеј. Во Тулуз, пак, мирно заврши собирот организиран од левичарските партии и синдикатите, на кој според полицијата учествувале 1.800 лица, додека организаторите тврдат дека имало околу 6.000 учесници. Француските власти продолжуваат со засилени безбедносни мерки поради очекуваниот голем број демонстранти.

