Свет

ИТАЛИЈА НУДИ БЕСПЛАТНО СМЕСТУВАЊЕ: 50 реновирани куќи без кирија во следните 10 години во Калабрија

Италијанскиот регион Калабрија нуди 50 реновирани куќи без кирија во следните 10 години за да привлече нови жители и да ги оживее селата. Апликациите траат до 18 декември.

ИТАЛИЈА НУДИ БЕСПЛАТНО СМЕСТУВАЊЕ: 50 реновирани куќи без кирија во следните 10 години во Калабрија

Италијанскиот регион Калабрија нуди 50 куќи без плаќање кирија во период од 10 години, во обид да ги оживее малите населени места и да привлече нови жители. Програмата „Ripopola Calabria“ предвидува доделување на напуштени јавни домови, со површина до 140 квадратни метри, кои ќе бидат реновирани со средства од регионалната влада. За проектот се издвоени 20 милиони евра од Планот за развој и кохезија за периодот од 2021 до 2027 година. Интересот за ваквата иницијатива доаѓа во време кога регионот се соочува со сериозно намалување на населението.

Калабрија изгубила над 124.000 жители

Според податоците на иницијативата, меѓу 2011 и 2024 година Калабрија изгубила повеќе од 124.000 жители, што претставува околу 6,4 проценти од населението. Дополнително, податоците на италијанскиот Национален институт за статистика покажуваат дека Јужна Италија меѓу 2019 и 2025 година изгубила нето 150.000 млади високообразовани лица на возраст од 25 до 34 години. Куќите се наоѓаат во општини во провинциите Козенца, Катанчаро, Кротоне и Реџо Калабрија, а дел од нив бараат целосно реновирање пред да станат погодни за живеење.

Кој може да аплицира за бесплатните куќи?

За програмата можат да аплицираат Италијанци постари од 18 години кои живееле надвор од Калабрија најмалку три години, државјани на Европската Унија, како и државјани на трети земји кои имаат престој во Италија. Пријавувањето за првата група куќи е отворено до 18 декември, а заинтересираните можат да изберат најмногу три имоти од објавениот каталог. Куќите ќе се доделуваат преку јавна ранг-листа, при што дополнителни бодови ќе добиваат семејствата со деца, самохраните родители и младите брачни парови. Мебелот не е вклучен во реновирањето, а по истекот на десетгодишниот период можно е продолжување на договорот или купување на имотот по контролирани цени.

Жан Митрев