Македонија

АЛТА БАНКА СЕ ПРОДАВА НА АУКЦИЈА: Почетната цена е 3.777 денари по акција на 30 ноември

Народната банка објави продажба на 95,336% од акциите на АЛТА банка Битола. Првата аукција е на 30 ноември, со почетна цена од 3.777 денари по акција.

АЛТА БАНКА СЕ ПРОДАВА НА АУКЦИЈА: Почетната цена е 3.777 денари по акција на 30 ноември
фото - 24 часа

Народната банка ја објави постапката за продажба на доминантниот акционерски пакет во „АЛТА банка“ АД Битола, со цел да се најде нов сопственик и да се обезбедат услови за стабилно работење на банката. Станува збор за 372.742 обични акции, односно 95,336 проценти од вкупниот број акции, кои се во сопственост на „Алта банка“ АД Белград – во стечај. Продажбата ќе се реализира преку Македонската берза, по моделот „сè или ништо“, што значи дека заинтересираните инвеститори ќе мора да го купат целиот пакет. Првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември 2026 година, со почетна цена од 3.777 денари по акција.

Следните аукции на Алта Банка ќе имаат пониска цена

Доколку акциите не бидат продадени на првата аукција, нови обиди ќе се одржат на 1, 2, 3, 4 и 7 декември. На секоја наредна аукција почетната цена ќе биде намалена за 10 проценти во однос на цената од претходната аукција. На тој начин ќе се овозможи повторување на постапката доколку не се појави купувач на првиот обид.

Инвеститорите имаат рок до 19 ноември

Заинтересираните инвеститори најдоцна до 19 ноември 2026 година треба да достават барање до Народната банка за добивање претходна согласност за стекнување квалификувано учество во банката. Потребно е да поднесат и писмена изјава дека ќе ги уплатат средствата за купување на акциите. На аукциите ќе можат да учествуваат само лицата што ги исполнуваат законските услови. Од Народната банка посочуваат дека постапката има цел да обезбеди нов сопственик, да го поддржи натамошното работење на банката и да ги заштити интересите на штедачите и клиентите.

 

Жан Митрев