Македонија
Дознај прв
ИСКРА ХАЏИ ВАСИЛЕВА И ОФИЦИЈАЛНО НА ЧЕЛО НА ОЈО ГОКК: Ја презеде функцијата од Ислам Абази
Искра Хаџи Василева официјално ја презеде функцијата раководителка на ОЈО ГОКК од Ислам Абази, по изборот на 28 октомври.

Искра Хаџи Василева и официјално ја презеде функцијата
Искра Хаџи Василева и официјално ја презеде функцијата раководителка на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од досегашниот шеф Ислам Абази. Примопредавањето на должноста се одржа во просториите на ОЈО ГОКК, по што Хаџи Василева и Абази ќе имаат средба со државниот јавен обвинител Ненад Савески. Таа беше избрана на непосредните избори одржани на 28 октомври, кога освои 64 гласа од вкупно 171 важечко гласачко ливче. За функцијата конкурираа и обвинителите Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ и Јован Цветановски.
Ефикасен прогон и борба против корупцијата меѓу приоритетите
По давањето на свечената изјава пред Советот на јавните обвинители, Хаџи Василева најави дека нејзини главни приоритети ќе бидат ефикасен кривичен прогон, целисходна работа на Обвинителството и максимално искористување на расположливите ресурси. Таа најави и заложби за подобро користење на постојните капацитети, како и обезбедување дополнителни ресурси за постигнување подобри резултати во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Втор шеф избран на непосредни избори
Изборот на новата раководителка следуваше по истекот на мандатот на Ислам Абази, кој беше избран во октомври 2022 година. Хаџи Василева е вториот раководител на ОЈО ГОКК избран на непосредни избори, со тајно гласање на сите јавни обвинители во земјава.

