Регион

ВО ЗАГРЕБ ОДЗЕМЕНИ ПРЕБРЗИ ЕЛЕКТРИЧНИ ТРОТИНЕТИ: Еден достигнувал 79 километри на час

ВО ЗАГРЕБ ОДЗЕМЕНИ ПРЕБРЗИ ЕЛЕКТРИЧНИ ТРОТИНЕТИ: Еден достигнувал 79 километри на час

Загрепската полиција привремено одзела два електрични тротинети кои значително ги надминувале дозволените технички ограничувања. Еден од нив можел да развие брзина од дури 79 километри на час, што е повеќе од тројно над дозволената граница за лични превозни средства. Тротинетите биле откриени при засилен полициски надзор на возачите на електрични тротинети, мопеди и мотоцикли.

Издадени прекршочни налози и предупредувања

Во рамките на контролата полицијата утврдила повеќе сообраќајни прекршоци. Биле издадени 13 известувања за сторен прекршок, два задолжителни прекршочни налози за најтешките прекршувања и седум писмени предупредувања. Полицијата објавила и снимка на која се гледа дека еден од тротинетите достигнува брзина од 79 километри на час.

Не се сметаат за лични превозни средства

Двата одземени тротинети можеле да се движат побрзо од 25 километри на час, а моќноста на нивните електромотори била поголема од 0,6 киловати. Според хрватските прописи, уредите со такви карактеристики не се сметаат за лични превозни средства и не смеат да се движат по површини наменети за пешаци или моторни возила. Од полицијата предупредуваат дека ваквото однесување ги загрозува останатите учесници во сообраќајот, особено пешаците.